25.09.2023 Скопје
Ден по обидот на група Срби да го блокираат патот во селото Бањска на Косово и Метохија, дошло до вооружен конфликт во кој загинаа тројца напаѓачи и еден припадник на косовската полиција, се уште се блокирани сите приоди кон Бањска од силни полициски сили, а околу селото беа распоредени голем број полицајци со оклопни возила.
„Безбедносната состојба и натаму е тензична“, информираат од полицијата во Приштина.
Сообраќајот од правецот на Рашка кон Лепосавиќ е блокиран, а од правец на Лепосавиќ е можно да се помине кон централна Србија.
Во вечерните часови интензитетот на вооружените дејствија е намален, но безбедносната состојба е се уште тензична, информираат од полицијата, кои во текот на ноќта ја продолжија акцијата за пребарување на поширокото подрачје на селото.
Синоќа во вечерните часови е уапсен уште еден напаѓач против припадници на полицијата, а досега според последните информации се убиени вкупно тројца напаѓачи, додека двајца се уапсени, како и четири лица кои се фатени со нелегална радиокомуникациска опрема, и за кои осомничени се поврзани со групата.
Од Обвинителството соопштија дека истрагата на лице место продолжува и дека уапсените се товарат за тешки кривични дела против уставниот поредок и безбедноста – напад на уставниот поредок и подготовка на терористички акти.
На уапсените им е одреден притвор до 48 часа и се очекува во текот на денот да бидат изведени пред судија на претходна постапка.
Во акцијата за апсење биле запленети возила полни со значителни количини оружје од различен тип.
Од Приштина соопштија дека ги проверуваат и верниците кои вчера денот го поминаа во манастирот Бањска, за да утврдат дали меѓу нив има напаѓачи на полицијата или нивни помагачи.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека вчерашниот ден бил најтешкиот ден за Србија и за српскиот народ од 2004 и 2008 година. Тој посочи дека убиството на полицаецот е за осуда и нешто што никому не му треба, но и предупреди дека Албин Курти сака да ја доведе Србија во конфликт со НАТО.
Подготвено од А.Ѓ.