05.09.2023 Скопје
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека ЕУ ги има изгубено сите права да и кажува на Унгарија каде да купува природен гас, откако таа одби да помогне во финансирањето на проширувањето на капацитетите на регионалната енергетска инфраструктура.
„Успехот на проектот за зголемување на испораката на азербејџански гас до една милијарда кубни метри годишно зависи од финансирањето на ЕУ, бидејќи енергетската инфраструктура на Југоисточна Европа моментално нема капацитет да одговори на побарувачката за енергетска диверзификација во регионот“, рече Сијарто на заедничката прес-конференција во Будимпешта со неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов.
Тој изјави дека Азербејџан има започнато со испорака на течен нафтен гас за Унгарија како дел од договорот за набавка на 100 милиони кубни метри гас и складирање на дополнителни 50 милиони кубни метри.
„Енергетската диверзификација е клучна за енергетската безбедност на Унгарија, а Азербејџан е „изводлива алтернатива“ за Европа, како и за Унгарија“, додаде Сијарто.
Тој посочи дека азербејџанско-унгарските односи се клучни за економскиот раст, истакнувајќи дека во првата половина од оваа година трговската размена меѓу двете земји била двојно поголема од 2022 година, поттикната од извозот на фармацевтски производи и увозот на енергија.
Сијарто го поздрави присуството на унгарски компании во обновата на Нагорно Карабах по војната, што, како што рече, е деловна можност вредна десетици милиони долари.
„Кога почнавме да градиме односи со Азербејџан во 2010-2011 година, не гледаа со презир во Европа, па затоа е забавно да се гледаат западноевропските лидери како сега се борат за можноста да се сликаат со претседателот (Илхам) Алиев во Баку“, истакна Сијарто.
Тој рече дека Унгарија и Азербејџан не се пријатели само затоа што излегува дека Баку има природен гас.
Бајрамов оцени дека првиот состанок на азербејџанско-унгарскиот стратешки дијалог бил многу продуктивен.
„Имавме многу продуктивен прв состанок на азербејџанско-унгарскиот стратешки дијалог и разговаравме за натамошно продлабочување на нашата повеќекратна соработка“, напиша Бајрамов на социјалната мрежа „Икс“.
Подготвено од А.Ѓ.