11.09.2023 Скопје
Лота Едхолм, шведската министерка за образование, е еден од најголемите критичари на целосното прифаќање на технологијата.
Шведската министерка за образование Едхолм, која ја презеде функцијата пред 11 месеци како дел од новата коалициона влада на десниот центар, истакна дека на шведските ученици им требаат повеќе учебници бидејќи печатените книги се важни за учење.
Многу наставници, додека децата се враќаа во училиштата во Шведска минатиот месец, ставија акцент на печатените книги, тивкото време за читање и пишување, а помалку внимание на таблетите, независното истражување на интернет и вештините за пишување на тастатура.
Враќањето на традиционалните методи на учење е одговор на загриженоста на политичарите и експертите дали хипердигиталниот пристап во образованието во земјата – која воведува таблети уште во градинка – доведе до пад на основните вештини.
Министерката Едхолм најави дека Владата сака да ја поништи одлуката на Националната агенција за образование со која дигиталните уреди се задолжителни во градинките.
Шведското Министерство за образование соопшти дека планира да оди чекор понатаму и целосно да го укине дигиталното образование за деца на возраст под шест години.
Меѓународната процена за нивото на читање на четвртоодделенците укажува на пад на способноста на децата во Шведска помеѓу 2016 и 2021 година.
Според експертите, можно е одредени дефицити да се резултат на пандемијата на коронавирусот или одраз на зголемениот број студенти-имигранти кои не зборуваат шведски како свој прв јазик, но прекумерната употреба на екрани за време на часовите може да предизвика младите да заостанат во некои клучни теми.
Во соопштението на шведскиот институт од минатиот месец, на тема „Стратегија на земјата за воведување дигитализација во образованието“, се наведува дека постојат јасни научни докази дека дигиталните алатки ги влошуваат, наместо да ги подобрат, способностите за учење.
Од Институтот, угледна медицинска школа, фокусирана на истражувачка работа, сметаат дека фокусот треба да се врати на стекнување знаење преку печатени учебници и наставни вештини, а не првенствено преку слободно достапни дигитални извори, чија точност не е соодветно потврдена.
Минатиот месец, УНЕСКО објави итен повик за соодветна употреба на технологијата во образованието. УНЕСКО објави извештај со кој бара од земјите да ги забрзаат интернет-врските во училиштата, но истовремено предупредува дека технологијата во образованието треба да се имплементира така што никогаш да не ја замени наставата лице в лице предводена од наставник и да поддржува квалитетно образование за сите.
Шведските власти најавија инвестиција од околу 60 милиони евра за купување книги за училиштата оваа година. Воедно, за борба против падот на вештините за читање, ќе се инвестираат уште 43 милиони евра во 2024 и 2025 година за да се забрза враќањето на учебниците во училиштата.
Подготвено од А.Ѓ.