derek shole stejt department

19.09.2023 Скопје

Специјалниот советник на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, побара од Приштина итно да започне дијалог со Белград, со цел нормализирање на односите.

Шоле на социјалната мрежа X (Твитер) изјави дека во Њујорк разговарал со претседателката на приштинските институции, Вјоса Османи, за деескалација на тензиите на Косово и Метохија и „итно вклучување во дијалогот за нормализација, со посредство на ЕУ, на односите со Србија“, што е клучно за регионалната стабилност и европските интеграции.

„Добар разговор со претседателката Вјоса Османи за нашата заедничка посветеност на евроатлантската иднина на Косово, потребата од деескалација на тензиите и итен ангажман во дијалогот што се води преку ЕУ со цел нормализирање на односите со Србија – што е клучот за регионалната стабилност и интеграцијата во ЕУ“, рече Шоле.

Османи претходно на Твитер изјави дека за дијалогот меѓу Белград и Приштина разговарала со Шоле и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Таа наведе дека во разговорот било истакнато дека улогата на САД е клучна за успешно завршување на дијалогот и дека е нагласена важноста од принципиелен пристап за целосно и рамномерно спроведување на постигнатите договори.

„Со Шоле и Ескобар разговаравме за развојот на настаните во рамките на дијалогот. Беше нагласена важноста од принципиелен пристап за целосна и рамномерна имплементација на договорот и дека улогата на САД е клучна за успешно завршување на процесот, што го отвора патот за меѓусебно признавање“, тврди Османи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author