scholz germanija

06.09.2023 Скопје

Национал-конзервативците на Алтернатива за Германија (Афд), партијата во опозиција на Бундестагот, се „одред за уништување“ на земјата, кој го загрозува нејзиниот просперитет и се обидува да профитира со плашење, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за време на говорот што го одржа денеска во федералниот парламент, каде почна расправата за предлог-буџетот за 2024 година.

Според Шолц, повеќето Германци знаат дека Афд и покрај тоа што се прогласува алтернатива, тоа е всушност одред за уривање за Германија.

Канцеларот истакна дека демократските партии мора да работат заедно против силите кои сакаат да профитираат од сценаријата на пад на државата и од алармизмот.

Шефот на федералната влада предупреди дека просперитетот на Германија е тесно поврзан со Европската унија.

Поради оваа причина, повиците за нови бариери меѓу земјите-членки, за уривање на ЕУ и за радикално разбивање на државната благосостојба, кои што ги упатија националните конзервативци, не се ништо повеќе од намерно уништување на просперитетот.

Во исто време, Шолц призна дека политичката ситуација во Германија и на меѓународен план, која се карактеризира со значителни промени, кај многумина создава неизвесност. Во тој контекст населението очекува политичарите да имаат насоки, храбри компромиси и конкретна работа за државата.

Канцеларот Шолц подвлече дека, ова негово обраќање е упатено и до партиите од неговата влада, кои прегласно се расправаат во последните месеци.

Подготвено од М.Н.

About Author