08.09.2023 Скопје
Северна Кореја го најави лансирањето на првиот оперативен примерок на нова „тактичка нуклеарна нападна подморница“, која е доделена на флотилата на Јапонското Море, церемонијата на лансирање била одржана во средата, а на неа присуствувал и лично лидерот Ким Џонг-ун, соопштија севернокорејските државни медиуми.
Ким на церемонијата истакна дека вооружувањето на морнарицата со нуклеарни системи е „итна задача“ и вети дека севернокорејските поморски сили наскоро ќе добијат подморнички и површински единици способни да лансираат тактичко нуклеарно оружје.
Американските и јужнокорејските разузнавачки агенции најпрво дојдоа до информации за склопување на нова севернокорејска подморница во 2016 година, а во 2019 година државните медиуми на Пјонгјанг објавија изградба на подморница под посебно внимание на лидерот на земјата.
Се уште не е јасно кои типови на балистички или крстосувачки ракети ќе ја интегрираат офанзивната опрема на бродот и дали Северна Кореја всушност веќе успеала да ги совлада технологиите неопходни за минијатуризација на нуклеарните боеви глави.
„Нуклеарната нападна подморница, која со децении беше симбол на агресија против нашата земја, сега стана симбол на нашата револуционерна моќ што ќе предизвика ужас во срцата на нашите одвратни непријатели“, изјави лидерот Ким Џонг-ун.
Подготвено од М.Н.