27.09.2023 Скопје
Претставникот на Северна Кореја во Обединетите нации, Ким Сонг, ги обвини САД и Јужна Кореја дека „го туркаат Корејскиот полуостров поблиску до работ на нуклеарна војна“ и додаде дека поради тоа неговата земја „нема избор“ туку дополнително да ја забрза изградбата на своите одбранбени капацитети.
„Оваа 2023 година е забележана како исклучително опасна година. Корејскиот полуостров е во ситуација која предизвикува непосредна опасност од избувнување на нуклеарна војна“, изјави Сонг за време на неговиот говор на Генералното собрание на ОН.
Тој посочи дека Северна Кореја останува „непоколеблива и непроменета во решеноста енергично да го брани својот национален суверенитет, безбедносните интереси и благосостојбата на луѓето од непријателските закани однадвор“.
Британската агенција наведува дека Пјонгјанг тестирал десетици балистички ракети во последните 18 месеци, како и дека САД долго време предупредуваат дека Пјонгјанг се подготвува да го изврши седмиот нуклеарен ракетен тест.
Пјонгјанг тврди дека го користи своето право на самоодбрана со своите тестови на балистички ракети за да го заштити својот суверенитет и безбедносните интереси од воени закани.
Подготвено од А.Ѓ.