12.09.2023 Скопје
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е блиску до одобрување на испорака на балистички ракети и ракети со долг дострел вооружени со касетни боеви глави за Украина, во обид да ја поддржи тешката офанзива на силите на Киев на југот на земјата окупирана од Русија, потврдија четворица анонимни американски функционери за американскиот печат.
Во последниве месеци, Вашингтон прогресивно го интензивираше нивото на конфронтација со Русија, одобрувајќи ја испораката на касетна артилериска муниција во Киев, снабдувањето со ловци-бомбардери Ф-16 и неодамна испорака на муниција со осиромашен ураниум.
Според официјалните претставници, САД наскоро би можеле да испратат и театарски балистички ракети од армискиот тактички ракетен систем (Atacms) за повеќекратните ракетни фрлачи Химарс, кои се проектили со дострел од 306 километри, и кои Вашингтон досега му ги негираше на Киев, плашејќи се од нивна употреба против цели на територијата на Русија, но и поради ограничените залихи со кои располага американската војска.
Вашингтон, исто така, размислува да испрати ракети GMLRS со дострел од 72 километри во Киев. Двата типа проектили би биле вооружени со касетни боеви глави, способни да шират експлозивна подмуниција на голема површина.
Ова е тип на оружје што е особено ефикасно против концентрациите на пешадијата, но е забрането од десетици земји со оглед на колатералните ризици за цивилното население, бидејќи некои од подмунициите може да останат неексплодирани.
Според изворот, одлуката за испраќање на двата типа проектили со долг дострел се уште не е конечна, но доколку се потврди, може да му обезбеди на Киев ефективни средства за погодување на задните области и логистичките центри на руските вооружени сили.
Подготвено од М.Н.