Photo by Stefan Mitev: https://www.pexels.com/photo/city-street-skyline-building-10900226/

22.09.2023 Скопје

Бугарските власти ги протераа старешината на Руската православна црква во Софија, архимандрит Васијан Змејев и двајца свештеници од храмот Свети Николај Чудотворец Мирликиски бидејќи претставуваат „закана за националната безбедност“.

Според руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, свештеници од Руската православна црква биле повикани во миграциската служба, каде им било кажано дека претставуваат закана за националната безбедност, а потоа со полициски автомобил биле однесени дома за да ги соберат нивните предмети.

Како што изјавила, тие потоа ќе бидат однесени во црквата, а оттаму на границата со Србија.

„Ова е случај без преседан, црквата е одвоена од државата и неразбирливо е како свештениците можат да ја загрозат националната безбедност. Многу парохијани одат во Руската црква во Софија. Тие едноставно ја плукнаа нашата црква во лице“, вели Митрофанова.

Руската амбасада во Софија соопшти дека е револтирана од фактот и формата на одлуката донесена од бугарска страна.

„Очигледно е дека сегашното раководство на Бугарија си постави задача да ги уништи не само општествено-политичките, културните и хуманитарните врски меѓу двете земји, туку и да ги наруши односите меѓу сестринската Руска и Бугарската православна црква и да ги сврти рускиот и бугарскиот народ еден против друг“, се наведува во соопштението.

Како што е наведено, карактеристично е што овој чекор е направен на празникот Рождество на Пресвета Богородица, што е значаен за верниците на Руската православна црква.

Пред неколку дена македонските власти го протераа Васијан Змејев, заедно со тројца руски дипломати, поради информации дека се руски шпиони.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author