11.09.2023 Скопје
Во саботата Мароко го погоди земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала. Се уште се во тек операциите за пребарување и спасување на луѓето затрупани под урнатините по разорниот земјотрес.
Во областа Амизмиз во Маракеш, која беше погодена од земјотресот, продолжуваат акциите за спасување.
Министерството за внатрешни работи на Мароко соопшти дека најмалку 2.122 лица загинаа, а 2.421 се повредени во силниот земјотрес што го погоди Мароко. Воедно, 1.404 лица од повредените се во критична состојба.
Смртни случаи се регистрирани во неколку региони како Ел-Хоуз, Тарудант, Чичауа, Тизнит, Маракеш, Азилал, Агадир, Казабланка и Јусуфија.
По земјотресот што ја погоди земјата, кралот на Мароко, Мухамед Шести, прогласи тридневна национална жалост при што знамињата на јавните згради ќе бидат спуштени на половина копје. Воедно, кралот ја задолжи Владата да формира министерски комитет за програма за обнова на објектите уништени од земјотресот.
Националниот институт за геофизика на Мароко објави дека ова е најсилниот земјотрес што ја има погодено оваа северноафриканска земја во последните 100 години.
Подготвено од А.Ѓ.