fentanil

28.09.2023 Скопје

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон изјави дека Европската Унија мора да се подготви за нагло зголемување на синтетичката дрога фентанил.

Ова е реакција на предупредувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Европа или се уште не открила проблем со синтетичките дроги или наскоро ќе открие.

Фентанил е синтетичка дрога која се проценува дека е 50 пати посилна од хероинот и е одговорна за смртта на десетици илјади Американци кои умираат од предозирање секоја година.

На придружниот настан на Генералното собрание на Обединетите нации за заканите по здравјето и безбедноста од синтетичките дроги, американскиот претседател Џо Бајден ги повика сојузниците сериозно да ги сфатат заканите од фентанил.

„Тоа е проблем што го имате, едноставно не го знаете сè уште или тоа е проблем што ќе го имате наскоро“, и рекол Блинкен на секретарката Јохансон во разговор за синтетичките дроги.

Соединетите Држави се обидуваат однапред да ги предупредат своите сојузници „за другите да го немаат истиот проблем што го имаат тие“, изјави Јохансон. Таа додаде дека фентанилот и другите синтетички дроги во моментов не претставуваат голема закана за Европската унија, имајќи предвид дека канабисот е најпознатата дрога на континентот, а кокаинот е оној чија потрошувачка најмногу се зголемува.

Јохансон посочува дека во споредба со САД, каде синтетичките дроги се шверцуваат од земји како Мексико, Европа има лабораториски капацитет да произведува синтетички дроги, што многу лесно може да предизвика криза.

„Капацитетите за производство на фентанил во Европската Унија постојат, ние ги имаме“, тврди Јохансон.

„Ова, се разбира, значи дека производството може да започне веднаш штом некој одлучи да започне и одлучи дека има побарувачка“, додаде Јохансон.

Во Европскиот извештај за дроги од оваа година се наведува дека во 2021 година во ЕУ беа затворени 434 нелегални лаборатории за производство на синтетички дроги.

Експертите од Европската агенција за дрога предупредија претходно оваа година дека забраната на Талибанците за одгледување афион во Авганистан може драстично да го намали увозот на хероин во Европа, што, пак, може да доведе до зголемување на синтетичките опијати.

„Мора да бидеме внимателни и подготвени“, предупредува Јохансон.

ЕУ веќе работи на зајакнување на мандатот на својата агенција за лекови, која се занимава со здравствените и безбедносните аспекти на нелегалните дроги, и дава многу повеќе овластувања и двојно повеќе ресурси.

Јохансон потврди дека европскиот план за борба против трговијата со дрога, што го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата на Унијата, ќе биде усвоен на крајот на оваа година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author