11.09.2023 Скопје
Република Северна Македонија и Португалија денеска го потпишаа првиот Договор за одбранбена соработка со што се засилува колективната одбрана и безбедноста на НАТО Алијансата.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерката на Португалија, Марија Хелена Кареирас денеска на заедничка прес-конференција порачаа дека Договорот е камен-темелник на развојот на билатералните односи и дека со него ќе се зацврсти колективната одбрана во НАТО.
„Денеска е важен ден за нашите држави и за нашата соработка, бидејќи за прв пат потпишавме Договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу сојузничките Република Северна Македонија и Португалија, и со тоа покажавме дека НАТО значи и посилна одбранбена соработка, затоа што имаме заедничка и единствена цел“, истакна Петровска.
Министерката Петровска информираше за областите опфатени со Договорот, како интензивирањето на консултациите во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукација, како и активностите за заштитата на животната средина.
Министрката се осврна и на предвидената соработка во доменот на сајбер – безбедноста за која истакна дека е исклучително важен сегмент имајќи предвид дека покрај конвенционалната руска агресија врз Украина, сите земји се соочуваат со обиди за нарушување на општественото живеење кои се од хибриден карактер.
Министерката за одбрана на Португалија, Марија Хелена Кареирас, истакна дека Договорот за одбранбена соработка ја реафирмира идејата дека заедничките цели во безбедноста и одбраната можат да се постигнат единствено преку зајакнување на Алијансата.
Кареирас се заблагодари за учеството на нашата држава во мисијата КФОР на Косово и мутинационалните сили на источното крило на НАТО, вклучувајќи го и заедничкото учество во силите на НАТО во Романија.
Подготвено од М.Н.