14.09.2023 Скопје
Јапонскиот премиер Фумио Кишида ги претстави промените во кабинетот кои вклучуваат назначување жена за шеф на дипломатијата и назначување на министер за одбрана, кој претходно има работено на градење врски со Тајван.
Портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно изјави дека Јоко Камикава, поранешна министерка за правда, стана министерка за надворешни работи.
Јапонските медиуми ја опишаа Камикава како моќна жена.
Мацуно рече дека нов министер за одбрана е Минору Кихара, протајвански политичар кој е член на Јапонско-тајванската интерпарламентарна група и поранешен заменик министер за одбрана.
Промените ги покажуваат напорите на Јапонија да постигне поголема родова еднаквост во политиката и да посвети поголемо внимание на полето на одбраната.
Кабинетот на Кишида ќе има пет министерки, исто толку колку што имаше и во двете претходни администрации.
Освен Камикава, во владата ќе остане и министерката за економска безбедност Сана Такаичи, како и уште три министерки.
Подготвено од А.Ѓ.