08.09.2023 Скопје
Поради делумно излевање на реката Пиниос во близина на градот Лариса, од доцна синоќа во тек е евакуација на неколку села во околината, а паралелно продолжува спасувањето на луѓето заглавени во поплавите во централна Грција, предизвикани од невремето „Даниел“.
Спасувачките акции започнаа вчера попладне по копно, вода и од воздух, а ги водат противпожарната, крајбрежната служба и припадници на армијата.
Тесалиската низина е буквално под вода, села во близина на градот Кардица се целосно уништени, Волос е во кал и без вода за пиење веќе неколку дена, а од синоќа вниманието е насочено кон Лариса каде што нивото на реката Пиниос драстично е зголемено, и во одредени делови се излева.
Поради поплавите, кои се најголеми во Грција во последните години, се одложуваат и политичките настани закажани за викендот.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го одложи планираното учество на отворањето на Меѓународниот саем, односно говорот и прес конференцијата и наместо во Солун, ќе биде во подрачјата погодени од невремето.
Од опозициската СИРИЗА донесоа одлука партиските избори за претседател, наместо во недела да се одложат за една седмица и да се одржат следната недела на 17 септември.
Во невремето „Даниел“ животот го загубија шест лица, неофицијално, исчезнати се најмалку шестмина, од кои четворица се странски државјани, од Австрија и Германија, а штетите се катастрофални.
Подготвено од М.Н.