viza

13.09.2023 Скопје

Полската владејачка партија се најде сред сериозен скандал еден месец пред изборите, кога беше откриено дека нивните конзулати продавале илјадници лажни визи на имигранти, додека партијата собира гласови агитирајќи против бегалците.

Во една африканска земја пред полската амбасада имало штандови на кои можете да купите заверени визи: доволно беше да го напишете вашето име.

На 31 август премиерот Матеуш Моравицки го разреши заменик министерот за надворешни работи Пјотр Вавржик, а неговото име беше отстрането од избирачкиот список. Според локалните медиуми, тој е отстранет бидејќи била разоткриена шема за продажба на визи во земјите во развој за 5.000 долари. Случајот го истражува полската антикорупциска полиција CBA. Истрагата беше лансирана по притисок од други земји од ЕУ, загрижени за бројот на работни визи издадени од Полска.

Според официјалните податоци на Евростат, во 2021 година, Полска издаде речиси 970.000 таканаречени „први дозволи за престој“, една третина од сите такви дозволи издадени од земјите на ЕУ на државјани кои не се членки на ЕУ. За изминатата 2022 година, Полска сè уште не испратила податоци до статистичката агенција на ЕУ.

Според претставниците на опозициската Граѓанска платформа, Марчин Киервински и Јан Грабиец, Полска можеби издала илегално дури 350.000 визи во последните три години.

„Знаете ли кој носи најмногу муслимански имигранти во Европа? Владата што не плаши со нив. Владата на ПиС“, објави на социјалните мрежи Доналд Таск, шеф на опозициската Граѓанска платформа.

Граѓанската платформа е членка на Европската народна партија, односно партијата на граѓанскиот центар, додека владејачката партија Право и правда (ПиС) дополнително се радикализираше пред изборите на 15 октомври. Антимигрантскиот став е една од константите на програмата на партијата, која се фали дека изградила ѕид кон Белорусија за да го намали бројот на имигранти.

Прашањето е колку оваа афера ќе му наштети на ПиС: според анкетите, тие уживаат поддршка од 38 отсто од гласачите, додека Граѓанската платформа е на 30 отсто.

Според европските прописи, Полска би можела да издава дозволи за престој за државјани на трети земји кои би престојувале во Полска, но бидејќи земјата е дел од Шенген, тие можат слободно да се движат низ ЕУ.

Оваа пролет германските покраини Бранденбург и Саксонија побараа привремено повторно воведување на граничните контроли, како и со Полска и Чешка, поради големиот број нерегуларни мигранти. Полска ги отвори вратите за бегалците од Украина.

Според официјалните податоци, 1,4 милиони Украинци живеат легално во Полска.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author