23.09.2023 Скопје
Во обраќањето на Генералното Собрание на Обединетите нации, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека оваа година фокусот „врз сите нас е можеби поголем од кога било претходно, а причината е во поразителниот факт дека најмал заеднички именител на емоционалната состојба на човештвото денес е ‒ стравот. Стравот од војни, од глад и сиромаштија, од пандемии, од еколошки катаклизми, страв за иднината на нашите најблиски. Ноторен факт е дека меѓународниот поредок е темелно разнишан на повеќе точки во светот“.
„Меѓутоа, тоа не смее да биде прифатено како нормална состојба. Пред нас, политичките лидери овде собрани, стои обврската, тоа чувство на страв да го замениме со надеж и со верба за поправеден свет. Предуслов за тоа е да постигнеме, без одложување, еден обновен договор за почитување на темелните вредности и хуманите идеали заради кои и беше основана оваа организација пред 78 години“, додаде Пендаровски.
Во однос на војната во Украина, Пендаровски вели дека руската агресија продолжува со „несмалена жестокост што е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на принципите на меѓународното право“.
Претседателот Пендаровски истакна дека станува збор за најголемата безбедносна криза по Втората светска војна, со глобални последици кои, повеќе или помалку се чувствуваат на сите континенти и со секој изминат ден, се зголемуваат страдањата на украинскиот народ, се уништуваат материјални добра и расте опасноста од ескалација.
Војната во Украина, како што кажа Пендаровски е најеклатантен, но, за жал, не и единствен пример, за заканите по светскиот мир и безбедност.
„Планетарната безбедносна архитектура, во чија основа е токму оваа организација, е посебно разнишана кога држава, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации илегално напаѓа земја членка на истата организација“, потенцира Пендаровски.
Пендаровски ги потсети лидерите на предупредувањето за ризик од нуклеарна катастрофа кое неодамна го изнесе генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Овој аларм од највисокото ниво на Организацијата треба да биде повик до секој разумен политички лидер за глобална мобилизација за зачувување на мирот, без сомнение, најголемата вредност на човештвото“, додаде Пендаровски.
Македонскиот претседател повика да се запре војната во Украина и да се почитува Повелбата на ОН за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
„Даваме целосна поддршка на напорите на генералниот секретар за враќање во сила на договорот за извоз на украинско жито преку Црното море, затоа што е целосно неприфатливо, храната и енергијата да се користат како оружје за остварување на воени или политички цели“, рече Пендаровски.
Пендаровски, воедно, потсети за глобалната солидарност. Тој го сподели примерот на Скопје – главниот град на државата – кога пред 60 години беше погоден од катастрофален земјотрес, а градот, вели Пендаровски „се крена од пепелта“ благодарение на глобалната солидарност.
Тој говореше и за климатски промени, за која рече дека со сите предизвици „ќе се соочиме“ доколку поефикасно ги користиме изградените механизми. Потребно е вели порешително да се адресира проблемот на климатските промени.
Подготвено од А.Ѓ.