15.09.2023 Скопје
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во своето обраќање на Демографскиот самит во Будимпешта изјави дека Србите не се проблем, туку решение за Балканот.
„Долго живееме заедно и знаеме со што се соочуваат“, рече Орбан, кој го поздрави учеството на српскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Цвијановиќ.
Премиерот на Унгарија рече дека Балканот се соочува со бројни предизвици и дека стабилноста на регионот е важна.
Зборувајќи за демографијата, Орбан рече дека основните семејни вредности се на удар во Европа, но дека Унгарија нема да се откаже од заштитата на семејството.
„Во Европа имаме прогресивна и либерална елита. Наместо важни прашања, како што е демографската иднина, тие се занимаваат со глупави и неважни прашања“, рече Орбан.
Тој рече дека односот кон семејството е загрижувачки бидејќи се наметнуваат теми за важноста на индивидуализмот.
„Целта на либералите е да предизвикаат стратешки страв од иднината“, рече Орбан.
Според него, размислувањето на западната елита е долго виден и ужасен кошмар, а состојбата на свеста ја одредува иднината.
„Организацијата на овој самит не е само добра работа, туку и обврска кон иднината, децата и цивилизацијата. Унгарија е инкубатор на конзервативната политика. Ние нудиме ефективни решенија и имаме многу проекти поврзани со соработката меѓу државата и црквата, заедно со современото образование, но најважното прашање останува демографската слика“, додаде Орбан.
Посочи дека семејната политика треба да се заснова на мајките, а државата со сите средства да го брани семејството.
„Двојно ја зголемивме заработката на семејствата со две деца. Семејствата имаат поддршка кога градат или реновираат недвижен имот. Мајките со четири или повеќе деца не плаќаат данок на доход. Ќе го намалиме и тоа на три деца. Ако сакате иднина за вашата земја, треба да ги поддржувате мајките“, посочи Орбан.
„Мајката е жена, а таткото е маж“, рече Орбан, што е вклучено и во законот.
„Унгарците одлучија на референдумот да се бранат од ЛГБТ пропагандата“, нагласи Орбан.
Тој посочи дека падот на наталитетот е забавен, но дека целта е таа појава да се врати назад.
„Пресвртна точка за демографијата треба да биде растот на наталитетот. Сега влегуваме во втората фаза. Направивме многу, но тоа не е доволно. Ќе го издржуваме семејството и ќе продолжиме да помагаме“, рече Орбан.
Домаќините на средбата во Будимпешта собраа 60 шефови на држави и влади, црковни лидери, медиумски личности, мислители и лидери на невладини организации од четири континенти.
Демографскиот самит во Будимпешта е најважниот меѓународен стратешки форум за демографски прашања, кој се одржува од 2015 година.
Учесниците на дводневниот самит ќе ги споделат своите размислувања за тоа како да се создаде сигурна и предвидлива иднина за семејствата и идните генерации.
Подготвено од А.Ѓ.