https://www.flickr.com/photos/fraserpettigrew/359796320/in/photolist-xN3UQ-25XuNxc-6KFXTu-2n7wcq6-bbT3Lp-5431sg-8swKfi-9ZhT6u-cy9APd-c8ctKC-5btqa4-hjGNG-btYJpP-6dT8mL-hjGNL-2hSfrGj-2nT99HN-hjGNJ-2iE6TvW-hjGNH-5Q35kj-cv3wxq-QQTo9W-btYJAz-Hge5d-2n72cKi-sbz6F-2kVrEA2-2n5J5yE-2n7MsvU-7Us1xf-2n7QDKX-2miiiH7-2n75ivu-2n6hUcS-2ejKmcq-2mcwLyw-2nZnAbX-2n9xDNc-G53awh-2iRF7tr-fDcDA8-xeSBVy-2k4C5ba-f6F7D1-grncnF-2hQa96N-5SqdfW-nTtFXH-baz8hc

07.09.2023 Скопје

Новите податоци на УНИЦЕФ покажуваат дека над 5.800 деца и тинејџери во регионот на Европа и Централна Азија починале поради причини поврзани со загадениот воздух во текот на 2019 година. Најголемиот број, 85 проценти, починале пред својот прв роденден.

Во „Почетоци без здив: Алармантни ефекти од загадениот воздух врз децата во Европа и Централна Азија“ се истакнува дека кај децата кои се изложени на загаден воздух има зголемен ризик од сериозни здравствени проблеми, вклучително и акутни респираторни инфекции како што е пневмонијата, што е особено опасна за бебињата и малите деца.

Во анализата се истакнува дека дишењето загаден воздух предизвикува трајни оштетувања на белите дробови кај децата, што доведува до зголемен ризик од астма и хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања и болести, вклучително и канцер. Загадениот воздух може подоцна во животот да предизвика и невролошки нарушувања како резултат на раното оштетување на детскиот мозок. Воедно, се додава дека за разлика од возрасните, децата се повеќе изложени на загаден воздух бидејќи тие дишат два пати побрзо и често преку уста, внесувајќи повеќе загадувачи. Бидејќи се помали по раст, децата се и поблиску до тлото каде што се акумулираат загадувачите.

Од УНИЦЕФ велат дека нивоата на загаден воздух низ земјите на Западен Балкан се неверојатно високи и тоа предизвикува огромни штетни последици по здравјето на луѓето и смртност.

Република Северна Македонија не е исклучок, а главниот град Скопје и повеќе други градови често се наоѓаат на врвот на листите на градовите со најзагаден воздух во Европа и пошироко.

Загадениот воздух е најголемата еколошка закана по здравјето на луѓето во регионот, а луѓето од градовите дишат воздух со концентрација на честички што е и до петкратно повисока од нивоата утврдени во насоките на национално и европско ниво.

Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ, истакна дека состојбата со загадениот воздух е криза на детските права, бидејќи последиците се доживотни и претставуваат севкупна закана по здравјето, развојот и добросостојбата на децата.

УНИЦЕФ во Република Северна Македонија работи во партнерство со Шведска на зајакнување на капацитетите на националните и локалните власти, како одговорни за управување со квалитетот на воздухот и податоците за квалитетот на воздухот, истовремено подигнувајќи го гласот на децата и младите како носители на права, со цел да се постигнат промени во политиките и социјалните норми.

УНИЦЕФ ги повикува националните и локалните власти да ги зајакнат политиките и инвестициите за да се забрза преминот кон чиста и ефикасна енергија и транспорт низ сите сектори. Тука спаѓа и поддршката за енергетска ефикасност и пристап до чиста енергија, обука на здравствените работници од примарната здравствена заштита за вршење прегледи кај децата и откривање на заболувања поврзани со загадениот воздух, и проширување и забрзување на плановите за намалување на загаденоста на воздухот на државно и општинско ниво.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author