18.09.2023 Скопје
По Србија и Хрватска и во Република Северна Македонија, од среда ќе се намалат цените на одредени производи, откако утре ќе донесе одлука Владата.
Цената на одредени производи ќе биде за 10 отсто пониска од цената од 1 август.
„Ги повикувам сите заинтересирани во нашата земја, производители и трговци, чии производи не се на списокот, да се обратат во Министерството за да се прошири палетата на поевтини производи. Денеска ќе остварам средба со производители и дистрибутери на пијалоци, со цел да се вклучат во намалувањето на цената што ќе важи до 30 ноември“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши откри дека цената на одредени производи ќе се намали без разлика кој го произведува, увезува или дистрибуира.
„Ако поевтинат шпагетите, поевтинуваат сите видови шпагети, не само од еден производител. Станува збор за 25 категории основни производи, а според бројот и видот на производите се повеќе од 50“, рече министерот Бектеши.
На списокот се речиси сите прехранбени производи од пекарската, месната и млечната индустрија, а се утврдени според списокот на Националното биро за статистика и нивната методологија според која овие производи најмногу се трошат во земјава.
Подготвено од А.Ѓ.