05.09.2023 Скопје
Група луѓе во текот на вчерашниот ден упаднаа во четири српски станбени згради во Лешко и Сочаница, заканувајќи им се на станарите со принудно иселување.
Од Канцеларијата за Косово и Метохија соопштија дека им имаат кажано дека доколку не го направат тоа ќе имаат проблеми со полицијата.
„Група на лица предводени од емисарот на Курти, т.н. заменик-министерката Радоица Радомировиќ вчера упадна во четири српски станбени згради во Лешко и Сочаница, во кои живеат мајки со мали деца, социјално загрозени, пензионери и им се закани со присилно иселување, а доколку не го сторат тоа ќе имаат проблем со полицијата“, се наведува во соопштението на Канцеларијата за Косово и Метохија.
Зборуваме за зградите кои се изградени со средства на Владата на Србија, преку Канцеларијата за Косово и Метохија и локалната самоуправа, се наведува во соопштението и се нагласува дека немаат никаква врска со Приштина, ниту Приштина има право да располага со нив.
„Нема сомнеж дека ова е продолжување на теророт на Приштина во режија на Албин Курти, кој сака да ги заземе српските објекти на север и да ги истера Србите од нивните вековни огништа“, велат од Канцеларијата за Косово и Метохија.
Напоменуваат дека жителите на овие згради имаат станбени дозволи и дека се вознемирени од ваквото однесување на „емисарите на Курти“.
Посочуваат и дека нема сомнеж дека секој обид за нивно иселување би довел до нови тензии и кризи на северот и до ескалација на ситуацијата, што, како што велат, Белград и Србите воопшто не го сакаат, но во Приштина „сонуваат секој ден“.
„Потенцираме дека истата оваа група бандити на Курти во неделата упаднала во ненаселена зграда во Лепосавиќ, исто така изградена со средства на Канцеларијата за Косово и Метохија, каде ги смениле бравите и украле имот“, потсетуваат од Управата.
Оттаму додаваат дека за овие неовластени упади во имотот веднаш ги известиле меѓународните претставници и посредникот во дијалогот Мирослав Лајчак.
„Српскиот народ на северот на Косово и Метохија само сака да живее во мир на својот праг со своите албански соседи, но очигледно е дека таквото сценарио не и одговара на Приштина, поради што секојдневно прави потези кои не се во духот на деескалација“, се вели во соопштението на Канцеларијата за Косово и Метохија.
Подготвено од А.Ѓ.