11.09.2023 Скопје
Карл Нехамер е против продолжување на преговорите за членство на Турција во ЕУ и ги повика земјите-членки да развијат нов формат на соработка меѓу Брисел и Анкара.
Австрискиот канцелар Нехамер истакна дека Австрија го поддржува натамошното зближување меѓу Анкара и Брисел, но полноправното членство на Турција во ЕУ „за нас е незамисливо“.
Преговорите со ЕУ за пристапување на Турција почнаа пред 18 години, но веќе пет години се замрзнати.
Сепак, австрискиот канцелар сака Анкара да учествува во преговорите за прекин на огнот во Украина.
Турција е кандидат за членство во ЕУ од 1999 година, а преговорите кои започнаа во декември 2005 година беа прекинати во 2018 година поради континуирано кршење на владеењето на правото и основните демократски права во Турција.
Во минатонеделната посета на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Анкара, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан истакна дека ЕУ не може да биде глобален играч без Турција и преговорите поради тоа мора да се обноват.
Австрискиот канцелар посочи дека е важно „да бидеме искрени еден со друг, што вклучува и официјално завршување на повеќегодишните замрзнати пристапни преговори и развивање на нов концепт на добрососедска соработка“, истакнувајќи дека за ЕУ, Турција останува многу важен партнер.
Канцеларот нагласи дека Турција и Австрија во моментов успешно соработуваат на билатерална основа за подобрување на односите меѓу двете земји.
Подготвено од А.Ѓ.