29.09.2023 Скопје
Советот на НАТО денеска одобри испраќање дополнителни сили на Косово и Метохија поради актуелната ситуација.
Како што се наведува во соопштението, Советот на НАТО одржал состанок на кој се разговарало за ситуацијата на Косово и Метохија, а членовите на Алијансата изразиле длабока загриженост за растечките тензии на северот. За потсетување, по вооружениот конфликт минатиот викенд загинаа четири лица, тројца Срби и еден албански полицаец.
Како што најави Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, мисијата КФОР има видливо и активно присуство на целата територија на Косово и Метохија.
„Секогаш ќе ги преземаме сите неопходни активности за одржување на безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе кои живеат во Косово. Тоа го правиме непристрасно и во согласност со нашиот мандат на ОН“, се додава во соопштението.
Тие додаваат дека ќе бидат преземени сите мерки за командантот на КФОР да ги има потребните ресурси и флексибилност неопходни за мисијата да го исполни својот мандат.
„Подготвени сме да направиме дополнителни промени во составот на КФОР, во согласност со потребите“, се наведува во соопштението и се додава дека КФОР продолжува да се координира во тесна соработка со сите релевантни актери во Белград и Приштина, како и со мисијата ЕУЛЕКС, ОБСЕ, УНМИК и целата дипломатска заедница.
„Ги повикуваме сите страни на итна деескалација. Ги повикуваме Белград и Приштина да се вклучат во дијалог со посредство на ЕУ, како единствен начин за решавање на важни прашања и постигнување решенија кои ги почитуваат правата на сите заедници. Ова е клучот за трајна безбедност на Косово и стабилност во регионот“, се заклучува во соопштението на НАТО.
Подготвено од А.Ѓ.