07.09.2023 Скопје
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент изјави дека оваа година очекуваат НАТО сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана во просек за осум осто, „ова е најголем пораст на трошоците во последните децении, но тоа е неопходно, бидејќи кога ќе се зголемат тензиите, треба да се инвестира во безбедноста“.
Според Столтенберг, рускиот претседател има направено најмалку две грешки со инвазијата на Украина, ги има потценето Украинците и одговорот на НАТО Алијансата.
Земјите од НАТО и ЕУ му даваат невидена помош на Киев со артилерија, ракети со долг дострел, противвоздушна одбрана, муниција и обука, истакна тој. Исто така, Столтенберг изрази благодарност до Данска, Холандија и Норвешка за нивната подготвеност да и обезбедат на Украина ловци Ф-16, како и за земјите каде што ќе се обучуваат украинските пилоти.
Генералниот секретар додаде дека со војната во Украина, рускиот претседател има очекувано дека ќе го ограничи НАТО, но го има постигнато сосема спротивното, пактот го прошири своето присуство на источното крило, „ја прифати Финска и наскоро очекуваме да го поздравиме приемот на Шведска“. Исто така, Столтенберг додаде дека очекува дека турскиот парламент ќе го ратификува членството на Шведска подоцна оваа есен, што е можно поскоро.
Подготвено од А.Ѓ.