14.09.2023 Скопје
Хихем Абу Чкиуат, министер за цивилна авијација во администрацијата што ја предводи источна Либија, изјави дека повеќе од 5.300 тела се пронајдени во либискиот град Дерна, а бројот на загинати во поплавите се очекува значително да се зголеми, можеби дури и двојно.
„Морето постојано исфрла десетици тела“, изјави Чкиуат, додавајќи дека обновата на Дерна ќе чини милијарди долари.
Повеќе од 10.000 луѓе се сметаат за исчезнати откако обилните дождови во источна Либија предизвикаа уривање на две брани, испраќајќи повеќе вода во веќе поплавените области.
Тарек ал Хараз, портпарол на владата на истокот на Либија, изјави дека спасувачите се уште трагаат по телата на загинатите во поплавите.
Ал-Хараз рече дека цели населби, или четвртина од градот, биле уништени или однесени во морето заедно со илјадници луѓе.
„Цели семејства исчезнаа поради смртоносната бура. Многу тела не можеа да се идентификуваат и не беа закопани“, рече Ал-Хараз.
Маргарета Харис, портпаролка на Светската здравствена организација, изјави дека поплавите што ја погодија Либија се од епски размери.
„Ова е катастрофа во секоја смисла на зборот, огромна трагедија. Нема место за никаква меѓународна помош – не можеме да ги вратиме оние што ги загубивме“, рече еден жител на Дерна.
Спасувачите во Либија се соочуваат со логистички и политички пречки во обидот да стигнат до погодените области. Уништени се бројни патишта, а морскиот коридор се уште е затворен.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Либија вчера објави дека најмалку 30.000 луѓе се раселени во Дерна, градот најмногу погоден од бурата Даниел.
ИОМ соопшти дека се знае дека 6.085 луѓе се раселени во други области погодени од невремето, вклучувајќи го и Бенгази.
Дерна беше најтешко погодена од поплави по силното невреме во источна Либија. За време на невремето се урнаа две брани.
Сателитските фотографии од Дерна пред и по поплавите ги покажуваат штетите и огромните размери на поплавите што го погодија источниот пристанишен град, така што релативно тесниот воден пат низ центарот на градот сега е неколкукратно поширок, и сите згради покрај патот се урнати.
Фотографиите покажуваат и дека огромни штети се предизвикани и во други делови од градот каде што беа уништени згради во поплавите.
„Околу 6.000 луѓе се уште се водат за исчезнати во Дерна“, изјави Осман Абдулџалил, министер за здравство во Владата на истокот на Либија.
Кога го посети градот, ситуацијата ја нарече катастрофална. Се верува дека се „измиени“ цели населби во градот, соопштија властите.
Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, упати сочувство до либиските власти и семејствата на загинатите.
Гутереш рече дека ОН соработуваат со властите за да ги проценат потребите и да ги поддржат напорите за помош.
Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека повеќе од 1,8 милиони луѓе се погодени од поплавите во Либија.
„Ураганот Даниел го погоди источниот дел на Либија за време на викендот и остави илјадници луѓе заробени во поплавените домови“, изјави шефот на делегацијата на Меѓународниот Црвен крст во Либија, Тамер Рамадан.
Оштетени се болниците, а некои се целосно уништени. Залихи недостасуваат насекаде – од вода, храна, до медицинска опрема.
Либиската влада прогласи тридневна жалост во сите погодени градови, нарекувајќи ги „подрачја на катастрофа“.
Припадниците на Итната помош, владините екипи и жителите деноноќно трагаат по преживеани.
Либија, земја богата со гас и нафта, е во политички хаос откако Моамер Гадафи беше соборен и убиен во 2011 година. Две влади се борат за власт. Едната е на исток, а другата е со седиште во Триполи на западниот дел на земјата.
САД, Германија, Иран, Италија, Катар, Турција и Египет се меѓу земјите кои испратиле или се подготвени да испратат помош.
Подготвено од А.Ѓ.