27.09.2023 Скопје
Податоците од истражувањето направено од страна на Европската комисија, кое било спроведено врз испитаници во повеќе земји членки на Европската Унија, покажуваат дека платформата „Иск – Х“, поранешен Твитер, е социјална мрежа на која се споделуваат најмногу дезинформации и лаги во однос на бројот на објави.
Истражувањето е спроведено врз 6.000 уникатни објави на социјални мрежи Фејсбук, Инстаграм, Линкедин, ТикТол, Икс и Јутуб а наодите од студијата покажуваат дека социјалните мрежи глобално пренесуваат содржина која е чувствителна и која е недоволно проверена, односно истата е манипулативна. Студијата анализираше содржина во три земји кои се сметаат за особено изложени на ризик од дезинформации – Шпанија, Полска и Словачка.
Во меѓувреме ЕУ упати предупредување до Илон Маск да се придржува кон новите закони за лажни вести и руска пропаганда, откако беше откриено дека „Икс“ има најмногу дезинформации во однос на сите големи платформи на социјалните медиуми.
Извештајот го анализираше соодносот на дезинформации во нов извештај кој за прв пат го откри размерот на лажни вести на социјалните медиуми низ ЕУ, со милиони лажни сметки отстранети од ТикТок и Линкедин. Интересно е што Фејсбук беше посочен како втор најлош престапник кога станува збор дезинформациите, се наведува во извештајот кој истовремено нотира дека социјалните мрежи доколку не ги почитуваат европските правила за споделување на информации, Брисел во блиска иднина може да ги прогласи за нелегални според Законот за дигитални услуги (ДСА), кој стапи на сила во август.
Во меѓувреме Фејсбук и другите технолошки гиганти, вклучително и Гугл, ТикТок и Мајкрософт, се потпишаа на кодексот на практика што ЕУ го подготви за да се осигура дека можат навреме да се подготват да работат во границите на новите закони. Твитер го напушти кодексот на пракса, но според новиот закон е обврзан да ги почитува правилата или ќе се соочи со забрана низ ЕУ.
Токму зајакнување на системот на контрола во образовните институции, подигнување на степенот на образование но и подигање на медиумската писменост би помогнало многу во процесот на борбата против лажните вести и да не дојде до состојби од кои не би можеле да се „одбраниме“ како што тоа сега е случај во некои земји во ЕУ советуваат дел од домашните експерти. Според нив, вклучувањето на алармот за поголема контрола врз децата на социјалните мрежи би допринело до намалување на овој тренд кој е опасен и се повеќе присутен во европските земји но и регионот.
Проблемот со невистините на социјалните мрежи во Република Северна Македонија е сериозен.
„Степенот на анонимност и не покажување на идентитет на „Икс“, поранешен Твитер, е многу поголем и со самото тоа луѓето се сметаат за анонимуси кои можат да шират дезинформации и тоа најдобро и најлесно го чинат таму. Со други зборови како оваа мрежа функционира е измислена во смисла на тоа брзината на информацијата да е приоритет а вистинитоста“, посочува комуникологот и експертот по комуникации Бојан Кордалов.
Комуникологот советува дека за надминување на овој сериозен проблем кој го мачи домашното општество, но и општествата на другите земји во регионот потребно е поголема вклученост на институциите на терен меѓу засегнатите и индивидуален пристап кон решавањето на проблемот.
Дезинформациите во македонскиот интернет простор се шират забрзано и ги има сè повеќе. Загриженост за ова прашање истакна и Европската комисија во последниот Извештај за 2022 година за напредокот на Република Северна Македонија во нејзиниот евроинтеграциски пат. Во Извештајот се вели дека постојат „растечки закани од дезинформации“, а како главен извор на различни видови на дезинформации ги посочуваат онлајн медиумите и социјалните мрежи.
Во документот на ЕУ се додава и дека во контекст на дезинформациите коишто доаѓаат во врска со војната во Украина, македонската Владата во март 2022 година го забранила реемитувањето на руски ТВ канали со измена на Законот за рестриктивни мерки. Инаку досегашни извештаи кои се темелат на полициски извори посочуваат дека полицијата до сега има постапувано по десетици предмети, но додаваат дека сепак е многу тешко бидејќи нема конкретни закони. Од таму на неколку пати досега информираат дека реално кривично дело нема но, и дека можат да постапуваат по нив само кога се поврзани со друго кривично дело. Во Кривичниот законик – кривично дело за лажни вести нема.
Подготвено од А.Ѓ.