28.09.2023 Скопје
Министерството за внатрешни работи на Република Српска до Полициската управа на Црна Гора доставило податоци кои се покажале корисни во случајот „Тунел“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Република Српска.
Истражителите во случајот со копање тунели под Вишиот суд во Подгорица се фокусираат на Босна и Херцеговина бидејќи сметаат дека дел од осомничените побегнале во таа земја.
„Министерството за внатрешни работи на Република Српска соработува со надлежните институции на Црна Гора на високо ниво. Во рамките на случајот „Тунел“ на Управата на црногорската полиција и ги доставивме релевантните сознанија што ги имавме, кои се покажаа како корисни за таа истрага“, изјавија од МВР на Република Српска.
Осомничените по откривањето на тунелот ја напуштиле територијата на Црна Гора, а истражните органи сметаат дека дел од нив преминале на територијата на Босна и Херцеговина, поради што во тек е опсежна потрага.
По трагата на жената која им помагала на копачите на тунели е и полицијата.
Тоа е Катарина Баќовиќ. Според неофицијални информации, истражителите проверуваат дали Баќовиќ ги злоупотребила предметите и податоците до кои имала пристап нејзината мајка, која е вработена во канцеларијата на Вишиот суд во Подгорица.
Катарина Баќовиќ е исчезната од пред неколку дена, додека нејзината мајка била на распит.
Министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ неодамна изјави дека досегашната истрага открила дека во копањето на тунелот учествувале Вељко Марковиќ (32), Милан Марковиќ (53), Дејан Јовановиќ (30) и Владимир Ериќ (32), сите државјани на Србија.
На прес-конференцијата тој ги покажа нивните фотографии и изрази очекување дека со помош на Србија или земјите каде што се наоѓаат брзо ќе бидат уапсени со оглед на тоа што, како што рече, ја напуштиле Црна Гора по откривањето на тунелот.
Тој рече дека осомничените ја напуштиле Црна Гора на 11 септември, истиот ден кога бил откриен тунелот до депото и тоа во помали групи.
Против четворицата идентификувани, како и против две непознати лица е поднесена кривична пријава, рече Аџиќ и додаде дека имале уште најмалку петмина соработници.
Тие се товарат и за кривично дело злосторничко здружување и кражба на докази.
Подготвено од А.Ѓ.