МЕЛОНИ: МИГРАНТСКАТА КРИЗА ВО ИТАЛИЈА ЌЕ ВЛИЈАЕ НА ЦЕЛА ЕВРОПА

18.09.2023 Скопје

Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија и Џорџија Мелони, италијанската премиерка, го посетија италијанскиот остров Лампедуза, погоден од мигрантската криза.

Мелони ја покани претседателката на ЕК да го посети островот и самата да се увери во размерите на мигрантската криза.

Официјалните лица го посетија и пристаништето Фавалоро, каде секојдневно пристигнуваат бројни чамци и бродови со мигранти од Северна Африка.

Мелони рече дека поради големиот прилив на мигранти, Италија е под „неподнослив притисок“.

Од почетокот на годината, околу 127.000 мигранти влегле во Италија, што е двојно повеќе отколку во истиот период во 2022 година. Многу од нив пристигнуваат во Италија преку Лампедуза, најјужниот италијански остров.

Тензии настанаа и кога група локални жители организираа протест и го попречија патот на конвојот со Мелони и Фон дер Лајен.

Тензиите стивнаа, а патот беше деблокиран кога Мелони им се обрати и рече „правиме се што можеме“, додавајќи дека таа лично дошла да се справи со оваа вонредна состојба.

Мелони предупреди дека мигрантската криза со која се соочува Италија ќе влијае на цела Европа. Таа изјави и дека посетата на Фон дер Лајен докажува дека ЕУ е свесна за тоа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author