kostadinovska stojchevska

13.09.2023 Скопје

Новоформираната Национална установа Оркестар за џез-музика, која освен што доби од Владата трајна адреса во Националната опера и балет, добива и финансиски средства преку програмата ТАВ, со кои доделениот објект ќе биде соодветно реновиран. Проценетата проектантска вредност на реновирањето е околу 200 илјади евра (11.714.709,00 ден.), од кои 10 милиони денари се обезбедени преку програмата ТАВ, а преостанатите 1 милион 714 илјади денари ги обезбедува Министерството за култура.

Ова денеска го соопштија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на прес-конференција во Владата.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека Владата и Министерството за култура обезбедија нова адреса и простор за трајно користење за новата Национална установа Оркестар за џез-музика на Република Северна Македонија или, популарно, за Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.

Таа информираше дека, Министерството за култура обезбеди изработка на Основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната установа Национална опера и балет.

„Просторот е со површина од 475 квадратни метри, и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории. Проектот предвидува и простории за машинска опрема и електрични инсталации“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека како Министерство за култура, и лично таа како министерка е особено задоволнa од ова урбано решение за еден оркестар каков што е Оркестарот за џез-музика.

„Со работата на Здружението на џез-музичари во овој круг на градот, оживуваме многу стари спомени за Скопје, го заокружуваме музичкиот простор каде што се и Средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет, Филхармонијата, па и живиот парк „Ибни Пајко““, истакна министерката за култура.

Таа нагласи дека со Оркестарот за џез-музика се комплетира и се збогатува ова музичко и уметничко опкружување, а со оглед на тоа што џезот е музика на слободни стилови, како што рече, убедена е дека постојаното присуство на џезерите овде ќе значи нов квалитет за културата, за социјалниот живот и за сликата на Скопје.

„На крајот да потсетам дека како што ветивме, беа потребни само неколку месеци за да се формализира одлуката за основање на новата установа – Оркестарот кој во изминативе години стана една од омилените институции која пополнува огромна празнина во современата музичка култура на земјава. Уверена сум дека Оркестарот за џез-музика ќе се развива во уште посериозен двигател на културата во земјава и афирматор на македонската музика и изведувачка уметност низ светот“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на прес-конференцијата истакна дека со ова создаваме модерен амбиент каде оркестарот ќе може непречено да создава џез музика, со што Република Северна Македонија ќе ја постави на мапата на земји кои институционално го негуваат овој стил на музика.

Битиќи појасни дека се работи за финансиски средства од ТАВ програмата, поточно за позитивната разлика од околу 30 милиони денари помеѓу проектираната и изведбената цена од веќе изведените инфраструктурни проекти по нашите општини.

„Скоро 50 милиони евра распределени низ сите општини, за сите граѓани. За квалитетен живот на сите“, рече Битиќи, кој информираше и за другите проекти што ќе се реализираат со средства преку програмата ТАВ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author