05.09.2023 Скопје
Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска ќе учествува на Талинскиот дигитален самит 2023 во Естонија.
Премиерот Ковачевски ќе се обрати на отворањето на Самитот, каде ќе учествуваат лидери на држави, претставници на ЕУ, телекомуникациски и тех компании и граѓански организации, соопшти Владата.
Во рамки на учеството на Самитот, предвидено е Ковачевски да оствари билатерална средба со премиерката на Естонија, Каја Калас.
Целта на Самитот е суштински придонес кон глобалниот дискурс околу градењето на отпорни модерни демократии, се наведува во владиното соопштение.
Клучните теми на кои ќе се разговара на Талински дигитален самит 2023 се предизвиците и можностите во дигиталната ера, како и освежување на агендата на демократијата и технологијата, исцртувајќи го патот кон посилна отпорна, респонзивна и отворена иднина.
Подготвено од М.Н.