veshtica

25.09.2023 Скопје

На 27 септември 2023 година (среда) во Софија ќе се одржи Европската ноќ на литературата организирана од амбасадите и странските културни центри во Бугарија, во соработка со Европската комисија и Град Софија.

На настанот ќе бидат претставени новопреведени книги на автори од различни европски земји, а секој културен центар или амбасада ќе промовира своја книга од избран автор. За оваа пригода, КИЦ на РСМ во Софија, со помошта од актерот Игор Дамјанов, во Централното фоаје на Националниот студентски дом во Софија ќе ја претстави книгата „Вештица“ од Венко Андоновски издадена од издавачката куќа „Персеј“, во превод од Маријан Петров.

Настанот има цел да ја популаризира добрата европска литература преку литературни читања на различни места, во таканаречените „читателски гнезда“, во кои познати личности читаат еден ист дел од книга на секои 30 минути – од 18:00 до 21:30 часот. Публиката има можност да ги менува местата каде што се читаат делови од различна литература и да се запознае со современото творештво на различни европски автори.

Венко Андоновски е еден од најголемите македонски автори. Роден е во 1964 година во Куманово. Тој е професор по литература на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Скопје. Има објавено над 30 книги од различни жанрови. Добитник е на најголемите книжевни награди во Македонија („Роман на годината“, „Стале Попов“, „Рациново признание“), како и на меѓународната награда „Балканика“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author