06.09.2023 Скопје
Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон, изјави дека трговските и економските односи меѓу Кина и САД минуваат низ „тежок период“.
Дипломатот Пенгју на брифингот истакна дека причините вклучуваат трговски тарифи, еднострани санкции, заострување на извозните контроли и нови ограничувања на приливот на билатерални инвестиции.
„За првпат по 15 години, Кина не е најголемиот извор на американски увоз“, рече Пенгју, додавајќи дека кинеските инвестиции во американската економија, кои достигнаа врв во 2016 година, продолжуваат постојано да опаѓаат.
Во исто време, портпаролот на амбасадата прецизираше дека Кина и САД и понатаму остануваат клучни трговски партнери.
Американската министерка за трговија Џина Раимондо неодамна ја посети Кина.
„Двете земји „тесно се натпреваруваат“ една со друга, но таквото ривалство мора да се управува, бидејќи судирот на страните не е во ничиј интерес“, рече Раимондо за време на посетата.
За време на нејзиното патување, Вашингтон и Пекинг се договорија да формираат специјална работна група која ќе се занимава со трговски и економски прашања.
Подготвено од А.Ѓ.