20.09.2023 Скопје
Пред неколку дена Украина одби да прифати серија од 10 тенкови Леопард 1А5 од Германија, велејќи дека треба да се поправат.
Украинците не можеа сами да ги поправаат бидејќи ги немаат потребните техничари и компоненти.
Киев го има информирано специјалниот штаб на германското Министерство за одбрана дека германските тенкови Леопард 1 кои пристигнале во Полска имаат потреба од поправки, а на некои од нив им е потребен голем ремонт.
Германската страна испрати група експерти во Полска за самите да ги проверат тенковите.
Таму беше откриено дека тенковите „веќе се доста истрошени по обуката на украинските војници во Германија и дека им е потребна поправка“. Покрај тоа, неколку Леопард 1А5, од претходната серија од 10 тенкови што пристигнаа во Украина во јуни, се расипаа од истата причина.
Германското Министерство за одбрана изјави дека не може да коментира за „конкретен поединечен инцидент“ и додаде дека тенковите Леопард се поправаат „заедно со Украина по интензивната обука во Германија“.
Состојбата на тенковите Леопард 1А5, од кои Германија вети дека ќе и испорача на Украина околу стотина, ги одразува планирачките проблеми во логистиката на германската воена помош.
Тенковите заглавени во Полска се втората транша од планираната голема испорака на тенкови Леопард 1А5. Бундесверот ги повлече од употреба пред повеќе од 10 години, но бидејќи многу од овие тенкови се уште се во складиште, добија наредба да се поправат што е можно поскоро.
На почетокот на август беше објавено дека Германија ќе и достави речиси 30 дополнителни тенкови Леопард 1 на Украина, откако концернот за оружје Рајнметал ги купи од Белгија.
Дополнително, Германија и се обратила на Грција со предлог да и испорача на Украина 100 грчки Леопард 1A5 кои сега се во употреба, во замена за надградени оклопни возила.
Подготвено од А.Ѓ.