12.09.2023 Скопје
Се стравува дека илјадници луѓе загинале во Либија откако бурата Даниел донесе толку многу дожд на североисток што две брани се урнаа во еден регион, повлекувајќи цели населби во морето. Повеќе од 2.000 луѓе загинаа, а околу 6.000 се водат за исчезнати во тешко погодениот град Дерна, каде што под притисокот на поплавите се урнаа две брани.
Ахмед Мисамари, портпарол на Либиската национална армија, изјави дека како резултат на тоа, урнати се и три моста, а водата што тече има однесено цели населби и ги наталожи во морето.
Мисамари не даде извор за неговите бројки за загинатите и исчезнатите. Црвената полумесечина на Бенгази претходно процени дека во Дерна загинале од 150 до 250 луѓе.
Шефот на либиската служба за вонредни состојби, Осама Али, изјави дека по уривањето на браната „целата вода отишла во областа кај Дерна, која е планинско крајбрежно подрачје“.
Али додаде дека куќите во долините се однесени од силни струи од кал кои носеа возила и остатоци. Воедно, истакна дека телефонските линии во градот исто така се во прекин, што ги отежнува напорите за спасување, а работниците не можат да влезат во Дерна поради огромното уништување, потенцирајќи дека властите не ги предвиделе размерите на катастрофата.
„Либија не беше подготвена за ваква катастрофа, никогаш не сме биле сведоци на вакво нешто. Признаваме дека имало недостатоци иако првпат се соочуваме со вакво нешто“, рече Али.
Мисамари, портпарол на либиската национална армија, изјави дека биле погодени неколку други градови како Ал-Бајда, Ал-Марџ, Тобрук, Такенис, Ал-Бајада и Батах.
Либија е земја која има околу шест милиони жители, а од 2014 година е поделена на фракции како резултат на граѓанската војна што таму изби по смртта на Моамер Гадафи и акцијата на НАТО во 2011 година.
Шефот на либиската источна влада, поддржана од парламентот, Осама Хамад, ја опиша ситуацијата како „катастрофална и без преседан“.
Снимките на социјалните мрежи покажаа потопени автомобили, срушени згради и порои вода кои брзаат низ улиците. Болниците во источниот град Бајда се евакуирани, покажаа видеата споделени на Фејсбук од Медицинскиот центар Бајда.
Во соопштението на мисијата за поддршка на Обединетите нации во Либија се наведува дека Обединетите нации во Либија внимателно ја следат вонредната ситуација предизвикана од тешките временски услови во источниот регион на земјата.
Неколку земји испратија сочувство и понудија помош за Либија додека спасувачките тимови се обидуваат да најдат преживеани под урнатините.
Турската агенција за катастрофи во текот на вчерашниот ден соопшти дека ќе мобилизира 150 работници за пребарување и спасување, заедно со шатори, возила за спасување и други материјали, како што се генератори.
Американската амбасада во Либија на Твитер објави дека е во „близок контакт со Обединетите нации и властите во Либија за да се утврди колку брзо можеме да обезбедиме помош онаму каде што е најпотребна“.
Have we just whiteness a whole city washed in the sea in Libya 🇱🇾 International help will not fix anything anymore this impact is just too fast and big. As usually we underestimated the consequences of our incompetence from our overvaluation. https://t.co/OiVKOC7JL0 pic.twitter.com/V3vr6CaojW
— Thomas Reis (@peakaustria) September 11, 2023
Подготвено од А.Ѓ.