nasa

25.09.2023 Скопје

Седум години по лансирањето во вселената, вселенското летало Озирис-Рекс во текот на вчерашниот ден фрли недопрен примерок собран од астероидот Бену близу Земјата во пустината во американската држава Јута.

Ова е прв пат НАСА да врати примерок од астероид од вселената. Вселенската сонда го собра примерокот во 2020 година и го започна своето патување до Земјата во мај 2021 година.

Леталото рано вчера фрли примерок од капсула со околу 250 грама астероидна карпа и почва од далечина од 102.000 километри над површината на Земјата и влезе во атмосферата на планетата во 10:42 часот по ET, патувајќи со брзина од 44.498 километри на час.

Со брзина од 17,7 километри на час, капсулата слета на полигонот за тестирање и обука на Министерството за одбрана на САД во Јута, околу 10 минути по влегувањето во атмосферата. Падобраните претходно беа распоредени за да ја забават капсулата и да ја заштитат од ненадејно слетување.

Менаџерот на проектот во Центарот за вселенски летови на НАСА, Годард Рич Брнс, рече дека четири хеликоптери превезуваат тимови за опоравување и истражување до местото на слетување и ќе извршат воздушни проценки за да се уверат дека капсулата не е оштетена на кој било начин.

Специјални стручни тимови ќе бидат подготвени да ја извадат капсулата кога тоа ќе биде безбедно.

„Опремен со заштитни ракавици и маски, првиот тим ќе се погрижи капсулата да биде доволно ладна за допир, бидејќи ќе достигне температури до 2.760 степени Целзиусови за време на повторното влегување“, рече Барнс.

Тимот исто така ќе се погрижи батеријата на капсулата да не пукне и да не испушта отровни испарувања, додаде тој.

Научниот тим ќе собира примероци од местото на слетување, вклучувајќи воздух, прашина и честички од нечистотија.

„Една од клучните научни цели на Озирис-Рекс е да врати недопрен примерок, што значи дека ниту една туѓа материја не може да го загрози истражувањето за време на анализата на примерокот“, рече главниот истражувач на Универзитетот во Аризона во Тусон, Данте Лаурета.

Хеликоптерот ќе го достави примерокот во привремена стерилна просторија во близина на местото на слетување. Внатре во овој простор, кураторскиот тим ќе спроведе чистка со азот за да спречи какви било честички од атмосферата на Земјата да влезат и да ја контаминираат во канистерот за примероци.

Тимот ќе подготви канистер за примероци што ќе биде пренесен утре со авион Ц-17 во вселенскиот центар Џонсон на НАСА во Хјустон, а примерокот за прв пат треба да се испита во вторник.

Истражувачите ќе ги анализираат карпите и почвата во следните две години во вселенскиот центар Џонсон. Примерокот, исто така, ќе биде поделен и испратен во лаборатории низ целиот свет, вклучувајќи ги и партнерите на мисијата Озирис Рекс во Канадската вселенска агенција и Јапонската агенција за воздушно истражување.

Озирис-Рекс ја напушти Земјата во 2016 година за да го истражи астероидот Бену, кој има многу мала веројатност да удри во нашата планета на крајот на следниот век.

Научниците веруваат дека хемискиот состав на примерокот ќе открие нови информации за формирањето на планетата пред 4,5 милијарди години, како и некои индиции за потеклото на животот на Земјата.

Тие, исто така, може да дадат дополнително знаење за астероидот Бен што е од суштинско значење за развој на методи за отклонување на таквите астероиди врз основа на нивниот состав.

Претходник на оваа мисија е Genesis, капсула која донесе примероци од сончевиот ветер на Земјата во 2004 година.

Падобранот потоа не се отворил и капсулата удрила во земјата со брзина поголема од 300 километри на час, пукнала и содржината испаднала.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author