28.09.2023 Скопје
Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска се извини затоа што претседателот на Долниот дом во канадскиот парламент го поздрави украинскиот нацистички ветеран како херој за време на седницата на која присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трудо рече дека му е особено жал поради непријатната ситуација во која се најде Зеленски.
„Тоа беше грешка што длабоко ги засрами парламентот и Канада“, рече тој.
Трудо додаде дека сите што се нашле на таа седница и аплаудирале длабоко жалат за тоа, иако тоа го направиле несвесни за контекстот.
Претседателот на Долниот дом на канадскиот парламент, Ентони Рота, вчера поднесе оставка по скандалот со оддавање почит на Украинец кој бил припадник на единицата СС во Втората светска војна.
Веднаш откако украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор во Долниот дом во петокот, членовите на канадскиот парламент му упатија овации на Јарослав Хунка (98), кого Рота го претстави како воен херој и борец за независност на Украина.
Подоцна беше објавено дека првата украинска дивизија во која се борел Хунка била позната и како 14-та Вафен-СС дивизија „Галиција“, доброволна единица, која била под команда на нацистите.
Подготвено од А.Ѓ.