05.09.2023 Скопје
Секој ден посетителите на Рим одлеваат околу 3.000 евра во Фонтаната Треви, една од најпрепознатливите знаменитости на италијанската престолнина. На овој начин оваа фонтана „заработува“ повеќе од милион евра годишно.
Изградена помеѓу 1732 и 1762 година, Фонтаната Треви, дизајнирана од Никола Салви, е една од најпознатите знаменитости во Рим.
Според традицијата, посетителите треба да го свртат грбот кон споменикот и да фрлат паричка во водата со десната рака преку левото рамо. Ова, сметаат тие, им гарантира враќање во Вечниот град.
Ритуалот на фрлање парички стана познат благодарение на филмот „Три парички во фонтаната“ од 1954 година.
Што се случува со парите што завршуваат на дното на Фонтаната Треви?
Градот Рим неколку пати годишно испраќа тим од работници за да собере вистинско мало богатство од фонтаната.
Работниците, користејќи четки на краевите на долгите столбови, прво ги бришат монетите на купови, а потоа ги извлекуваат од фонтаната. Монетите потоа се чуваат под будното око на полицијата.
Во 2001 година, градоначалникот на Рим одлучил парите кои завршуваат во фонтаната да бидат дадени на локална добротворна организација, со цел да се запрат честите обиди на луѓето да ги украдат монетите.
Оттогаш, секоја година „ситниот кусур“ од Фонтаната Треви се донира на римскиот Каритас. За таа организација парите што ги добива од фонтаната се огромен поттик и сочинуваат 15 отсто од нејзиниот годишен буџет.
Парите се користат за помош на сиромашните, за финансирање народни кујни, засолништа за бездомници, бесплатни супермаркети и други проекти… Исто така, парите се користат за одржување на комплекс на периферијата на Рим во кој се сместени дом за стари лица, менза и стоматолог за жителите на градот кои живеат во сиромаштија.
Подготвено од А.Ѓ.