01.09.2023 Скопје
Италијанскиот национален институт за статистика – Истат објави дека според прелиминарните проценки, годишната стапка на инфлација во Италија се има намалено на 5,5 отсто во август од 5,9 отсто во јули.
Забавувањето на годишната стапка на инфлација се должи на падот на цените на нерегулираната енергија, рекреативните услуги вклучувајќи поправки и лична нега, како и падот на цените на непреработената храна, транспортните услуги и трајните добра.
За разлика од нив, се зголемија цените на станбените услуги и регулираните извори на енергија.
Базичната инфлација, која ги опфаќа сите артикли без енергија и непреработена храна, се намали на 4,8 отсто во однос на јули кога изнесуваше 5,2 отсто.
Намалување има и кај индексот на сите неенергетски ставки, кој падна на 5,1 отсто од 5,5 отсто во претходниот месец.
Кај стоките, годишната стапка на раст е 6,4 отсто, што е за 0,6 отсто помалку од јули, додека кај услугите годишната стапка на раст е 3,6 отсто, односно 0,5 отсто помалку од претходниот месец.
Како последица на тоа, негативниот инфлациски јаз меѓу услугите и стоките се намалува во апсолутна вредност од 2,9 процентни поени во јули на 2,8 во август.
Цените на намирниците и непреработената храна се зголемени за 0,3 отсто на месечно ниво и за 9,6 отсто на годишно ниво, што е намалување во однос на јули кога намирниците и непреработената храна пораснале за 10,2 отсто на годишно ниво.
Подготвено од А.Ѓ.