28.09.2023 Скопје
Минатиот месец Индија влезе во историјата како прва земја што слета во близина на јужниот пол на Месечината. Имено, лендерот „Чандрајаан-3“ и лунарниот ровер се уште „спијат“, иако требало да се „разбудат“ пред неколку дена. На почетокот на септември, лендерот и роверот „заспале“, односно ги прекинале процесите, бидејќи на Месечината паднала ноќ и им се потрошиле батериите.
Ноќта на Месечината не трае толку кратка како на Земјата, таа се протега до 14 од нашите денови. Индиската организација за вселенско истражување (ISRO) се надеваше дека лендерот и роверот „ќе се разбудат“ на 22 септември со доаѓањето на новиот лунарен ден, откако ќе се наполнат нивните соларни панели.
За жал, лендерот „Викрам“ и роверот „Прагјан“ не одговорија на пораките испратени од контролата на мисијата. Научниците се обиделе повторно да ги „разбудат“ во понеделникот, но безуспешно и рекле дека со секој час се намалува шансата историскиот лендер повторно да се „разбуди“. Како и да е, тој ќе продолжи да се обидува да се „разбуди“ се додека трае лунарниот ден.
„Лендерот и роверот имаат многу компоненти кои можеби не ги преживеале ниските температури на Месечината. Ако предавателот на лендерот не се вклучи, тогаш немаме врска. Мора да ни каже дека е „жив“. Дури и сите други потсистеми да работат, не можеме да знаеме без пораки од предавателот“, изјави поранешниот шеф на ИСРО АС, Киран Кумар.
Ако роверот и лендерот ќе молчат засекогаш, тоа не значи дека се работи за неуспешна мисија. Од самиот почеток беше сомнително дали овие два роботи ќе ги издржат екстремните услови на површината на Месечината. Технологијата на лендерот и роверот не е дизајнирана да ги издржи лунарните ноќни температури кои можат да паднат до речиси минус 200 степени Целзиусови.
Подготвено од А.Ѓ.