25.09.2023 Скопје
Десетици илјади Шпанци протестираа во Мадрид против можните планови на вршителот на должноста премиер Педро Санчез да даде амнестија на застапниците на каталонската независност со цел да останат на власт по изборите на кои не победи.
Носејќи шпански знамиња, приврзаниците на опозициската конзервативна Народна партија дојдоа од цела Шпанија за да присуствуваат на митингот во Мадрид. Според проценката на властите, на улиците излегле 40.000 луѓе.
Санчез, кој беше втор на изборите во јули, би можел да остане на функцијата доколку ја добие поддршката од поранешниот прогонет каталонски лидер Карлес Пуџдемонт, чија партија „Заедно за Каталонија“ контролира седум места во парламентот.
Пуџдемон, кој се наоѓа на листата на барани лица во Шпанија поради обидот да се отцепи од регионот, бара да се отфрли правната постапка против каталонските политичари за независност како услов за негова поддршка.
Алберто Нуњез Феихо, лидерот на Народната партија која освои најмногу гласови на 23 јули, рече дека никогаш нема да се согласи со барањата за амнестија на организаторите на референдумот за независност на Каталонија во 2017 година, кој се одржа и покрај тоа што судовите го прогласија за незаконски.
„Повлекувањето на кривичната постапка би значело амнестија за пучистите“, им рекол Феихо на приврзаниците на митингот во Мадрид.
Санчез денеска го одржа својот политички митинг во Гава, во близина на главниот град на Каталонија – Барселона. Тој не спомна амнестија, но рече дека социјалистите сакаат да ги надминат социјалните поделби поради каталонската криза.
„Се обидуваме да ја свртиме страницата“, им рече тој на поддржувачите.
Во 2021 година, Санчез помилува девет каталонски поддржувачи за независност кои беа затворени за нивната улога во борбата за независност.
Подготвено од А.Ѓ.