Image by Freepik

15.09.2023 Скопје

Цената на струјата за граѓаните, стопанството и институциите во Хрватска останува иста, а Владата како дел од новиот пакет мерки за заштита на домаќинствата и стопанството од поскапување, почнувајќи од понеделник, 18 септември, ги ограничува цените на вкупно 30 производи.

За сончогледово масло, млеко, брашно, шеќер, цело пилешко, мелено свинско месо остануваат ограничувањата од претходниот пакет.

Меѓу новите производи со ограничени цени се јогуртот во шолја и шише – 40 центи, полутврд блок од гауда сирење за сечење 6,49 евра, ориз 2,29 евра за килограм, шпагети половина килограм 1,09 евра, 10 свежи јајца класа М 2,45 евра, свински врат без коски 5,49 евра, говедски врат со коски 6,99 евра, килограм виршли од пилешко или мисиркино 2,69 евра, компир во пакување од пет килограми 3,99 евра, моркови на големо 0,89 евра.

„Комплетна кошница производи чија цена сега е ограничена би чинела 99,68 евра на крајот на минатата година, а 76,19 евра по новите цени, што е за 23,57 отсто помалку, со заштеда од 23,49 евра“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Новиот пакет мерки за следните шест месеци е во вредност од 464 милиони евра, покрај постојните 551 милион евра, колку што е вкупната вредност на мерките од претходниот пакет, кои се на сила една година.

„Како дел од новиот пакет мерки, од 1 октомври и во наредните шест месеци цената на струјата ќе остане иста за граѓаните, стопанството и институциите, за што државата издвојува 288 милиони евра“, рече Пленковиќ.

За големите стопански субјекти нема да има субвенционирање на цената на струјата, бидејќи пазарната цена е падната и не се потребни субвенции, но Владата гарантира дека и за нив ќе ги субвенционира цените на струјата доколку има сериозно поскапување.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author