15.09.2023 Скопје
Во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип на 15 септември (петок) во 19:00 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Гумено време“ од Ана Ивановска.
Од НУ Центар за култура – Штип информираат дека проектот „Гумено време“, која е 19. самостојна изложба на Ивановска, претставува одраз на едно истражување прикажано низ серија дела на тема „Глобалната пандемија и реакција на моменталните тенденции и случувања во светот со војната“, кои несомнено оставаат трага врз секојдневието на луѓето.
„Во ова денешно време деновите се растегливи како гума.
Делата овозможуваат блиска интеракција со набљудувачот, непосредно влијание врз неговите чувства преку визуелното восприемање каде што фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Влијанието од глобалните случувања, неизбежно се рефлектираше во фотографиите кои содржат повторувачки елементи на маски и ракавици кои формираат вистинска решетка, зад која се наоѓа уста која останува „Без здив“. Тие се визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот и претставува еден вид релација на видливиот свет со невидливите опасности“, појаснуваат од НУ Центар за култура – Штип.
Подготвено од А.Ѓ.