nevreme

04.09.2023 Скопје

Министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, Василис Кикиљас, соопшти дека државниот механизам е во готовност, а доколку е потребно ќе биде активиран и бројот 112 за итни случаи за предупредувања на граѓаните, во пресрет на најавеното невреме што ќе зафати повеќе делови на земјата.

На состанокот кој се оддржа во Министерството, Кикиљас истакна дека целиот механизам за цивилна заштита е во состојба на готовност и ја нагласил потребата сите да бидат целосно подготвени, за да може да се преземат неопходните превентивни мерки и да има навремено справување со сите проблеми што би настанале поради невремето.

Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи упатија препорака до граѓаните да бидат внимателни, да ги следат упатствата на надлежните и да ги преземат сите неопходни мерки за заштита од најавеното невреме.

Националната метеоролошка служба издаде вонредно предупредување за обилни врнежи од дожд и невреме придружено со град и голема фреквенција на молњи, со засилен ветер и забележлив пад на температурата, а според прогнозата најмногу дожд се очекува во централна Грција, во северниот дел на островот Евија и на Пелопонез.

Подготвено од М.Н.

About Author