11.09.2023 Скопје
Истражувањето во кое учествувале 26.358 луѓе од различни социјални и демографски групи во ЕУ покажа дека повеќе од 60 отсто од жителите на Европската Унија велат дека презеле некакви мерки за борба против климатските промени во изминатите шест месеци. Огромно мнозинство од нив, 93 отсто, сметаат дека климатските промени се сериозен проблем со кој се соочува светот.
Испитаниците во девет земји, Белгија, Данска, Германија, Ирска, Малта, Холандија, Австрија, Финска и Шведска, сметаат дека климатските промени се најсериозниот проблем со кој моментално се соочува светот.
За 16 од 27 земји-членки, овој проблем е меѓу првите три.
Најголем процент од луѓето што лично се ангажирале против климатските промени има во Луксембург (82 отсто), а веднаш по него се Финска и Шведска (по 81 отсто). Земјите каде што најмалку луѓе рекле дека преземаат лични мерки се Полска (39 проценти), Бугарија (35 проценти) и Романија (29 проценти).
Во Луксембург, најпопуларниот потег беше да се намали отпадот и да се одвои за рециклирање. Рециклирањето беше популарно меѓу испитаниците во Финска и во Шведска, проследено со намалување на употребата на вишокот пакување. Користењето еколошки алтернативи за приватниот автомобил, како што се возење велосипед или јавен превоз, беше следната најчеста климатска акција во овие две земји.
Иако многумина избираат да го променат својот животен стил во обид да бидат „позелени“, само 35 отсто од луѓето се сметаат себеси за лично одговорни. Повеќето испитаници сметаат дека Европската Унија, националните влади, бизнисите и индустријата се одговорни за справување со климатските промени.
Повеќе од две третини од граѓаните на ЕУ веруваат дека нивната влада не прави доволно за борбата против климатските промени.
Испитаниците во сите земји членки, освен во Финска, најверојатно ќе кажат дека нивната влада не прави доволно за борбата против климатските промени.
Подготвено од А.Ѓ.