02.09.2023 Скопје
Светот би можел да се соочи со недостиг на литиум веќе во 2025 година, бидејќи побарувачката за металот, кој се користи за производство на електрични батерии, расте побрзо од производствениот капацитет.
Истражувачката единица Fitch Solutions беше меѓу оние кои предвидуваа дефицит на литиум до 2025 година.
„Очекуваме просечен годишен раст од 20,4 проценти годишно за литиумот во Кина за електрични возила само во текот на 2023-2032 година“, се наведува во извештајот на компанијата.
Спротивно на тоа, кинеската понуда на литиум ќе порасне само за шест проценти во истиот период, и додава дека не може да исполни ниту една третина од прогнозираната побарувачка на литиум.
Според Рефинитив, во моментов има 101 рудник за литиум во светот.
Кина е трет по големина светски производител на литиум, кој е составен дел на батериите за електрични возила.
Во 2021 година, светот произведе 540.000 тони литиум, а до 2030 година, Светскиот економски форум предвидува дека глобалната побарувачка ќе достигне над три милиони метрички тони.
Според S&P Global Commodity Insights, продажбата на електрични возила се очекува да достигне 13,8 милиони во 2023 година, но последователно ќе скокне на повеќе од 30 милиони до 2030 година.
Корин Бланшар, директорка за истражување на литиум и чиста технологија на Дојче банк, рече дека гледа „скромен дефицит“ од околу 40.000 до 60.000 тони литиум карбонат годишно до крајот на 2025 година, но додава дека дефицитот на таа суровина ќе достигне 768.000 тони до крајот на 2030 година.
Други аналитичари не гледаат дека недостигот ќе дојде толку брзо, но сепак предвидуваат дека на крајот на деценијата ќе се забележи посериозен недостиг.
Цените на литиумот достигнаа историски максимум во 2022 година на рекордни 600.000 јуани за тон, што беше повеќе од 12 пати повисоки од цените во јануари 2021 година.
Подготвено од А.Ѓ.