12.09.2023 Скопје
Функционерот на најголемиот опозициски блок Демохристијаните (ЦДУ), Јенс Спан, изјави дека Германија треба да ги казни граѓаните кои добиваат помош и постојано одбиваат понудени работни места, потенцирајќи дека „кој може да работи, треба да работи“.
Спан, заменик шеф на пратеничката група на ЦДУ, истакна дека германскиот парламент треба да расправа за последиците за луѓето кои не сакаат да се вработат. Воедно, посочи дека не мисли на луѓето кои не можат да работат поради болест, инвалидитет или тежок период низ кој минуваат, напротив за нив „треба да има соодветен, разумен надомест“.
„Се мисли на оние кои имаат 24, 28 или 33 години кои се здрави и млади луѓе и за кои ќе има дополнителна обука или работа“, додаде Спан.
„Доколку не прифатат такви понуди, финансиските последици за нив треба да бидат потешки од претходно, особено во време кога има илјадници слободни работни места“, рече Спан.
Подготвено од А.Ѓ.