04.09.2023 Скопје
Германско-францускиот проект за главниот копнен борбен систем (MGCS), познат како „европски тенк“ е во опасност да пропадне.
Разликите меѓу Германија и Франција во однос на иницијативата се всушност толку големи што се повеќе ја загрозуваат реализацијата на тенкот, се дознава од владините и индустриските кругови.
MGCS треба да ги замени тенковите Leopard 2 и Leclerc до 2035 година, за соодветна служба во германската и француската армија.
Минатиот април беше завршена првата студија за дефинирање на архитектурата на системот.
Од специјалниот фонд за германските вооружени сили (Бундесвер) од 100 милијарди евра, предвидени се околу 83,5 милиони евра за финансирање на проектот во 2023 година. Трошоците за развој на овој систем ги делат Германија и Франција, но Германија се води како главна во овој проект.
За возврат, Франција ја доби водечката улога во развојот на идниот систем за воздушна борба (SCAF).
Сепак, од самиот почеток имаше проблеми со двата проекти, бидејќи вклучените компании се натпреваруваат меѓу себе, а владите спроведуваат различни стратегии.
Додека Франција енергично ја промовира својата одбранбена индустрија, Германија има помалку решителен пристап кон овој сектор.
MGCS го развива конзорциумот KNDS, формиран од Krauss-Maffei Wegmann (KMW, Германија) и Nexter Defense Systems (Франција). Во Берлин, овој сојуз покрена загриженост дека договорот MGCS може да заврши под француска контрола, но по долги преговори Германија и Франција успеаја да се договорат за поделба на работата.
Минатиот јули, министрите за одбрана на Германија и Франција, Борис Писториус и Себастиен Лекорну се состанаа во Берлин за да разговараат за ова прашање и да испратат позитивен сигнал, но сепак, се уште ништо не е сменето во однос на проблемите со MGCS.
За Франција проектот напредува премногу бавно, Leclerc е се повеќе застарен, додека пак Германија ја модернизира верзијата A8 на Leopard 2, која KMW ја произведува со германскиот одбранбен конгломерат Rheinmetall.
Неколку претставници на индустријата за оружје истакнаа дека заедничкиот развој на француско-германскиот тенк има мали шанси за успех, а претстојниот неуспех на проектот за MGCS ја нагласува лошата општа состојба на соработката за вооружувањето меѓу Берлин и Париз.
Подготвено од М.Н.