19.09.2023 Скопје
Франција постави ултиматум, а Германија возврати, што дополнително го влоши ќор-сокакот предизвикан од комбинацијата на енергетската криза во регионот и зелената транзиција на Европската унија.
И додека поголемиот дел од дискусијата е за улогата на нуклеарната енергија во идниот енергетски микс на Европа, во самата суштина на несогласувањето е прашањето каде се наоѓа индустриското срце на блокот. И покрај падот на цените од рекордното ниво минатата година, позициите се заострија, а Франција и Германија бараат начини да продолжат додека Европа се стреми да постигне јаглеродна неутралност.
„Владите и во Париз и во Берлин сакаат да обезбедат електрична енергија по најниска можна цена“, вели Кристијан Егенхофер, висок истражувач во тинк-тенкот CEPS во Брисел.
„Тоа е речиси прашање на политички опстанок“, додаде Егенхофер.
По протестите на „жолтите елеци“ во Франција пред пет години, цените на енергијата остануваат експлозивна тема за претседателот Емануел Макрон и неговата влада.
Коалицијата на канцеларот Олаф Шолц во Германија, исто така, се соочува со притисок откако поддршката испари како последица на невешта пролетна реформа за да се одвикне греењето на домовите и становите од фосилните горива. Опозициските партии во двете земји сега ја ловат таа сламка.
ЕУ тешко може да си дозволи долг конфликт во рамките на нејзиното индустриско јадро. Законот за антиинфлација на американскиот претседател Џо Бајден предизвика загриженост дека САД ги отфрлаат инвестициите, додека неодамнешната истрага за кинеските субвенции за производителите на електрични возила ја одразува растечката вознемиреност поради конкурентната закана што ја претставува азиската суперсила.
Несогласувањата за цените на енергенсите се само еден аспект од тензиите меѓу двете земји. Франција и Германија не се согласуваат околу основните елементи на Зелениот договор. Како прво, Германија ја задржа одредбата за забрана на возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година поради исклучоци поврзани со т.н. е-горива. После тоа, Франција се заложи за слично ослободување, овојпат поврзано со нуклеарната енергија како дел од Законот за обновлива енергија.
Сега Франција се обидува да добие предност со ревизија на правилата за пазарот на електрична енергија на Европската унија за да го продолжи животот на нејзините застарени и задолжени нуклеарни реактори. Доколку е успешен, планот всушност ќе и овозможи на владата да обезбеди поголема стабилност за државната компанија Electricite de France S.A. (EDF) и да се користат нови извори на финансирање за продолжување на животниот век на француските реактори.
И таа француска комунална компанија има очајна потреба од нова финансиска инјекција. ЕДФ вели дека можеби ќе треба да инвестира 25 милијарди евра годишно за да ја продолжи работата на 56 реактори од 1980-тите и 1990-тите, да изгради нови нуклеарни реактори и ветерни и соларни фарми и генерално да ја модернизира мрежата. Проблемот е што енергетскиот гигант веќе е оптоварен со долг од 65 милијарди евра.
Берлин ја блокира иницијативата додека Германија се бори да го обнови сопствениот енергетски систем по прекинот на рускиот гас минатата година и евентуалното затворање на сите нуклеарни реактори. Најголемата европска економија е загрижена дека Франција ќе биде во позиција да ги намали цените на енергенсите во Германија, доколку Париз му дозволи на ЕДФ да продава енергија под пазарната цена.
„Поентата на несогласување е дека француската енергетска инфраструктура е во државна сопственост“, рече германскиот министер за економија Роберт Хабек во Росток. Ова, всушност, беше одговор на неговиот француски колега Бруно Ле Мер, кој претходно изјави дека нуклеарната енергија е „црвена линија“ за неговата земја.
Без сигурен пристап до прифатлива енергија, Германија се плаши дека компаниите кои трошат многу енергија ќе инвестираат на друго место и „на тој начин ќе ја изгубиме таа индустриска база“, рече Хабек.
„Мојата поента не е дека Франција има нуклеарни централи, туку дека операторите на нуклеарните централи можат да понудат енергија по цени под пазарните“, истакна Хабек.
А, причината за загриженост исто така постои. Со цените на енергијата сè уште високи и сомнителна безбедност на снабдувањето додека земјата се обидува да се одвикне од зависноста од јаглен, Франција привлече речиси 50 отсто повеќе директни инвестициски проекти од Германија во последните две години.
Довербата во успехот на енергетската транзиција на Германија – која вклучува ризично проширување во водород – опадна кај германските бизнисмени. Дури една третина од производителите размислуваат да се преселат во друга земја или веќе го започнале тој процес, покажува истражувањето на Германската трговска и индустриска комора. И Франција е подготвена да им понуди се.
Најголемиот германски производител на алуминиум „Тримет“ минатата година мораше да го намали производството поради енергетската криза. Но, богатството се сврте кон една од нивните топилници во Сен-Жан-де-Морин во југоисточна Франција, откако ЕДФ во јуни им понуди на француските фабрики на Тримет нов 10-годишен договор за снабдување со електрична енергија под пазарот. Евтината нуклеарна енергија на Франција му овозможи на Тримет да ја унапреди својата „зелена трансформација“, рече тогаш главниот извршен директор Филип Шлутер.
„Индустриската конкуренција е важен елемент во разговорите меѓу Германија и Франција“, вели Кристијан Руби, генерален секретар на европската асоцијација на енергетскиот сектор „Еурелектрик“.
„Германија е соочена со фактот дека Франција може да има поевтина струја од своите нуклеарни централи во наредните години“, додаде Руби.
Како одговор на тоа, Хабек предложи привремено субвенционирање на цените на енергијата за индустријата, но широката поддршка за таа идеја сè уште недостасува. Ризикот од тој план е да се продолжи со поддршката на неефикасните производители и да се забави толку потребната транзиција кон чиста енергија, вели Клаудија Кемферт, експерт за енергија во германскиот Институт за економски истражувања во Берлин.
„Германските амбиции за субвенционирање на цената на електричната енергија за индустријата се исто толку погрешни како и француските. Двете земји треба да се договорат за најбрзата можна транзиција кон обновливите видови на енергија“, вели Кемферт.
Во Париз се зголемува притисокот бидејќи тамошниот закон, кој ја обврзува ЕДФ да продава големи количини електрична енергија со голем попуст, истекува на крајот на 2025 година.
Висок советник на француската влада вели дека според новите прописи што треба да бидат воведени наскоро, идните цени во Франција на крајот ќе бидат слични на оние во Германија и дека двете земји најверојатно ќе се договорат за слични цени на електричната енергија за нивните индустрии.
Но, двете земји се на различни страни на оваа енергетска дебата, а нивните разлики е речиси невозможно да се премостат. Додека Германија на крајот ги затвори сите свои преостанати реактори, Франција добива околу две третини од својата електрична енергија од нуклеарните централи. Но, на системот му е очајна потреба од надградба, а серијата прекини – што поттикна рекорден пораст на цените на електричната енергија во Франција минатата година – нагласува колку е итна обновата.
И додека Франција и Германија продолжуваат да се расправаат, времето за постигнување договор истекува. Доколку спорот не биде решен до крајот на оваа година, изборите за Европскиот парламент следната година би можеле да го запрат напредокот во разговорите.
Во меѓувреме, другите индустриски сили не стојат во место.
„Спорот меѓу двете земји не е добар за Европа“, рече Хенрик Алерс, шеф на консултантската компанија „EY“ во Германија. Наместо тоа, блокот „треба да биде единствен кога станува збор за конкуренција со Кина и САД“.
Подготвено од А.Ѓ.