30.09.2023 Скопје
Француски и германски компании од одбранбената индустрија отвораат локални филијали во Украина за ремонт на оружје, што е прв чекор кон производство на оружје во таа земја.
Германската агенција за заштита на конкуренцијата Bundeskartelamt одобри во текот на оваа недела формирање на заедничко вложување помеѓу германскиот гигант од одбранбената индустрија Рајнметал и државната Украинска одбранбена индустрија (UDI).
Како што соопшти таа агенција, заедничкото вложување ќе биде со седиште во Киев и ќе работи на сервисирање и одржување на воени возила.
Рајнметал е производител на воени возила, вклучувајќи го главниот борбен тенк Леопард и борбеното возило на пешадијата Пума.
Францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну оваа недела отпатува за Киев со претставници на околу 20 компании од француската одбранбена индустрија за да го олесни партнерството со украинските претставници.
Во петокот, главниот град на Украина беше домаќин на Форумот за одбранбена индустрија, саем за оружје на кој присуствуваа 165 одбранбени компании од 26 земји, што беше можност за украинските власти директно да ги потпишат соодветните договори со компаниите.
Целта е да се „охрабри заедничкото производство и соработка за зајакнување на Украина и нашите партнери“, рече украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба претходно оваа недела.
Франција претходно изјави дека повеќе не може да си дозволи да и дава оружје на Украина од сопствени ресурси и наместо тоа ќе вклучи украински претставници во одбранбената индустрија на земјата, потег што следеше по слични планови на британскиот производител на оружје BAE Systems и шведската влада.
Подготвено од А.Ѓ.