https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Emmanuel_Macron_%282019-10-09%29_03.jpg

25.09.2023 Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Франција ќе го прекине своето воено присуство во Нигер и ќе го повлече својот амбасадор од земјата по пучот со кој беше соборен претседателот Мохамед Базум.

Франција задржала околу 1.500 војници во Нигер од јулскиот пуч и постојано ја одбивала наредбата на новата хунта нејзиниот амбасадор да ја напушти земјата, велејќи дека не ги признава водачите на пучистите за легитимни.

Тензиите меѓу Франција и Нигер, поранешна француска колонија, се зголемија во последните неколку недели, при што Макрон неодамна изјави дека дипломатите преживуваат од воени оброци додека се криеле во амбасадата.

„Франција одлучи да го повлече својот амбасадор. Амбасадорот и неколку дипломати ќе се вратат во Франција“, рече Макрон, додавајќи дека за тоа го информирал сменетиот претседател Базум.

Тој изјави дека Франција „ќе стави крај“ на воената соработка со властите на Нигер и дека војниците постепено ќе се повлекуваат од оваа африканска земја.

„Војниците постепено ќе се повлечат, а веројатно и целосно ќе се повлечат до крајот на годината. Во следните недели и месеци ќе се консултираме со пучистите, бидејќи сакаме тоа да се направи на мирен начин“, рече францускиот претседател.

Тој додаде дека военото присуство на Франција во Нигер е одговор на барањето на тогашната влада на Нигер.

Лидерите на Хунтата минатиот месец му дадоа на францускиот амбасадор Силвен Ите 48 часа да замине.

По истекот на рокот во кој Франција не го повлече својот дипломат, водачите на пучот му го одзедоа дипломатскиот имунитет.

Воената влада која ја презеде власта во Нигер во петокот во Њујорк го обвини генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, дека го „попречува“ целосното учество на западноафриканската нација на годишниот состанок на светските лидери во ОН за да ги смири Франција и нејзините сојузници.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author