fon der lajen afrika samit

05.09.2023 Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на самитот за климата во Африка во Најроби, Кенија, изјави дека Европа сака да има пријателски односи со Африка и да инвестира во земјата.

„На Африка и требаат огромни инвестиции и Европа сака да биде ваш партнер во премостувањето на овој инвестициски јаз. Ова е причината зошто половина од нашиот инвестициски план од 300 милијарди евра, наречен Global Gateway, е наменет за африканскиот континент“, истакна Фон дер Лајен.

Планот на Европа поддржува инвестиции кои се движат од хидроелектрични централи во Демократска Република Конго, Бурунди, Руанда и Танзанија, до иницијативата за климатска адаптација и отпорност во Африка, во вредност од 1 милијарда евра.

„Европа не е заинтересирана само за извлекување ресурси, сакаме да работиме со вас за да создадеме локални синџири на вредности во Африка. Сакаме да ја споделиме европската технологија со вас. Сакаме да инвестираме во вештини за локалните работници. Бидејќи колку сте посилни како снабдувач, толку повеќе Европа ќе ги диверзифицира своите синџири на снабдување кон Африка и толку повеќе ќе ги намалиме ризиците за сите земји“, додаде претседателката на Европската комисија.

Фон дер Лајен своето обраќање го заврши со објавување на новото партнерство за водород меѓу Кенија и ЕУ. Таа истакна дека во Намибија се гради нова водородна индустрија и синџир на вредност на суровини во партнерство со Европа.

Подготвено од М.Н.

About Author